Граѓаните повторно во шок од рекордните цени на горивата во Македонија. Бензините со последната корекција на регулаторите поскапеа за два денари по литар, а цената на дизел горивата е зголемена за половина денар по литар. Како причина за зголемувањето на цената на нафтените деривати од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) посочуваат на 3,28 отсто повисоката цена на суровата нафта на светските берзи и за 0,659 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот во изминатите 14 дена. Трговците на бензини во земјава предвидуваат дека доколку продолжи со ова темпо растот на нафтата на светските берзи и курсот на доларот во однос на еврото, односно денарот, до август литар бензин ќе чини неверојатни две евра за литар. Но, за високите цени на горивата не е виновна само берзата и курсот. Значителен удел има и политиката, особено воените дејствија во Либија и во арапскиот свет.
Граѓаните повторно во шок од рекордните цени на горивата во Македонија.
Бензините со последната корекција на регулаторите поскапеа за два денари по литар, а цената на дизел горивата е зголемена за половина денар по литар. Како причина за зголемувањето на цената на нафтените деривати од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) посочуваат на 3,28 отсто повисоката цена на суровата нафта на светските берзи и за 0,659 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот во изминатите 14 дена.
Трговците на бензини во земјава предвидуваат дека доколку продолжи со ова темпо растот на нафтата на светските берзи и курсот на доларот во однос на еврото, односно денарот, до август литар бензин ќе чини неверојатни две евра за литар. Но, за високите цени на горивата не е виновна само берзата и курсот. Значителен удел има и политиката, особено воените дејствија во Либија и во арапскиот свет.
Високите цени на горивата кои рушат рекорди ја намалиле потрошувачката. Мите Јованов од Макоил" вели дека од почетокот на годинава до сега, прометот на бензинските пумпи во земјава е намален од 30 до 35 отсто.
- Само во центарот на градот сообраќајот е густ и се добива впечаток дека се вози и покрај скапиот бензин. Тоа не е така, оти на бензинските пумпи многу малку се точи бензин, се купува за минимален износ од 200 до 300 денари - вели Јованов и додава дека на пумпите не смее да се точи бензин под 4 литри, а тоа е минимум 330 денари, но поради тоа што граѓаните немаат пари, трговците се принудени да ја толерираат беспарицата.
Според него ако порано за 100 евра се купуваше 100 литри бензин, сега едвај од 60 до 70 литри. Тој укажува дека се предвидува до крајот на летово рекордна цена од две евра за литар бензин.
Иако крајната цена расте, маржата на трговците од 3,2 денари по литар е иста од 1998 година. Јованов информира дека наскоро и плинот ќе поскапе, кој во моментов чини 49,50 денари, бидејќи со растот на цените на бензините и неговата цена се зголемува. Од почетокот на годинава до сега нафтата на светските берзи е поскапена за 24%
Но, бензините не поскапеа само кај нас, тие во континуитет претрпуваат корекција во земјите од регионов, Европа и светот. Во соседна Бугарија викендов над 18.000 граѓани протестираа во сите поголеми градови против високите цени на горивата. Тие категорично рекоа НЕ на високите цени.
Според анализите на Енерџи ЕУУ, сите резерви на нафта во светот завршат, верувале или не, на 22 октомври 2047 година во 20 часот и 58 минути.
Германскиот институт за економија, пак, предвидува дека за 8 години горивата ќе се продаваат по 4 евра за литар.
Српските енергетски експерти укажуваат дека речиси 60% од крајната цена на горивата се издвојува за акцизи и ДДВ. Според нив, државата треба под итно да интервенира за да се намалат цените.
- Ако купите бензин за 70 евра, за државата ќе останат 43,8 евра, 1,9 евра за рафинеријата, додека за работниците на бензинските пумпи само 1,7 евра. Во остатокот од цената се вклучени и транспортните трошоци, како и доработката на нафтата - велат тие.
Во развиените европски држави меѓу кои и Франција забележано е поголемо штедење кај возачите. Последните анализи покажале дека околу 14% од Французите почнале да го користат јавниот превоз, 5% одат пеш, додека 9% редуцирано ги возат автомобилите. Најголем број од граѓаните, дури 72 %, најавиле дека ќе почнат да штедат на гориво.
И во Соединетите Американски Држави цените на горивата ги иритираат возачите, бидејќи се очекува до крајот на овој месец еден галон (3,7 литри ) да чини 4,25 долари или 1,12 долари по литар. Американските економски експерти пресметале дека секој цент од зголемувањето на цената ја чини американската економија околу 1,4 милијарди долари.
Македонија со рекордни цени на бензините
По вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 86, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 87,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е В) се продава за 75 денари за литар, а новата цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 63,5 денари за литар. Корекција има и на малопродажната цена на мазутот М-1 НС, којшто сега ќе се продава за 49,389 денари за килограм.
Цената на бензинот ја преполови поддршката за Обама
Според анкетата на јавното мислење популарноста на американскиот претседател Барак Обама се намали под 50 отсто поради растот на цената на бензинот. Во земја каде што 76% од луѓето одат на работа со автомобили, а често и во продавница, цените на бензинот се од големо значење, посебно во година на избори. Истражувањето укажува дека намалувањето на поддршката најверојатно е последица на драстичното зголемување на цената на бензинот, која се заканува да го загрози излезот на американската економија од рецесија при што 59% од Американците му дале на Обама негативна оценка поради економијата, а 65% поради цените на бензинот. Американската автомобилска асоцијација (ААА) предвидува дека просечните цени на бензинот во САД до мај би можеле да се зголемат и на 4,25 долари за галон (1 галон = 3,7 литри) од сегашните 3,6 долари.